February 27, 2012

Најпопуларни професии - Келнер

Сите ние секојдневно стапуваме во контакт со некој човек од наведените професии. Ова е една листа на професии за кои не треба факултетска диплома, а за некои ни диплома од средно (но нели сега тоа е задолжително), ниту некое претходно искуство, или посебно знаење за таа професија. Ќе пробам што пократно и што поконкретно да образложам каков е мојот став околу извршувачите на овие професии, нивната професионалност при тоа, што е добро, што не е добро, што треба да се промени, што мене ме нервира, што ми смета и т.н. Во овој пост ќе образложам за келнерите, а потоа во друга прилика и за некои други професии.

1. Келнер

Дефинитивно најактуелна професија меѓу младите. Да си келнер треба само да знаеш собирање и одземање). Секое лето најпопуларна работа е келнер/ка. Секој локал зема бар по уште 2-3 келнер/ки. Дневницата и не е нешто голема, нормално никој не е пријавен, бакшишот кај нас е беден, но сепак и работата не е баш тешка (во споредба со градежништо, рударство), и во секој случај е подобро искористено време од бадијалџење по дома. Ретко ќе запознаеш човек кој во животот никад не работел ко келнер. Кој во локален кафиќ, кој на плажа во Охрид, кој во туѓиња (пуста да остане).

Лоша страна (кај келнерите).
Најлоша страна во оваа професија е тоа што секој, ама буквално секој може да биде келнер. Нема некоја аудиција, проба, тест. Единствено се дискутира за времето кога ќе почнеш со работа. Тоа резултира со тотално непрофесионални луѓе кои не работат ни малку професионално, со месеци неможат да научат основни работи, етика, начин на однесување со гостите, што производи нуди локалот и нивни цени, политика на локалот, дрес код и т.н. Очигледно дека постои голема разлика помеѓу сталните келнери и оние кои работат додека го завршат факултетот, или оние кои работат само преку лето. Секако дека поголеми професионалци се првите, но тоа не значи дека сезонските работници треба константно да ти покажуваат дека они уствари не го работат тоа сериозно, туку се онака тука, колку да не им биде досадно дома. Тоа гостинот не го интересира!

Лоша страна (кај гостите). 
Како што има лоша страна кај професијата, така има и неподносливи гости. Како прво да ги поделиме гостите на пијани и трезни. Најпрвин трезните. Во неподносливи гости кои се трезни спаѓаат сите оние кои се дерат ко мајмуни во зоолошка, во локал кој е очигледно интимен, само за да им се чуе муабетот, особено па ако зборат на мобилен. После тоа оние кои кога нарачуваат се обраќаат со „Еј ти; Копиљ дојди вамо; Мори ела; Копук донеси ми...“ и т.н. Непочитување на келнерот е покажување на краен степен на сељачизам, кој го манифестираат пошто гледале дома велинчествениот султан, и неможноста дома да има харем и 20 слуги, оди во кафана да прави мајмун од келнерот, и сака истиот да му биде слуга како на истоимениот филм. После тоа оние кои се заебаваат со келнерот. Не зборам за она кога се работи за двострано шалење, туку глупи и досадни шали, непотребно викање на келнерот и постојано задржување по 10-15 минути, иако тој/таа мора да послужи други гости. Потоа сите оние кои се разправаат за глупости, за невозможни работи, кои порачуваат месо од делфин, а тоа нигде го нема во мени. Сите оние кои прават сметки од 6000 ден. а „неможат“ да остават ни 10 бакшиш, иако келнерот бил културен, супер услужлив, брз, разположен, фин. Кај пијаните гости нема кој не смета. Самиот поим пијан гостин е лош за имиџот на локалот. Тие најчесто се дерат бетер од трезните, се разправаат сами со себе а после со келнерите, кршат, мочаат кај стигнат и што ли уште не.
Ова се само дел од луѓето со кои секојдневно се среќаваат келнерите. Затоа можеби оваа работа е неблагодарна, и можеби треба да имаме поголемо разбирање за нив, и се надевам дека повеќето од вас и имаат, но сепак професионалноста на келнерот неможе да биде заборавена, и вистинскиот професионалец е професионалец до крај.

Мора да биде јасно.
Твоја работа е да го служиш гостинот како што доликува. Тоа не значи дека ти си му слуга на него, нит дека он е нешто подобар од тебе. Секој човек му е слуга на некој друг. Секој има газда. Секој на секого му одговара за нешто. Ако тебе ти е испод чест да послужиш, најверојатно си ја утнал професијата, така? Гостинот од тебе бара да донесеш нешто затоа што тоа ти е работа, ваљда нема сам да оди да си прави кафе. Тоа ти е ко да ја скршиш ногата, да отидеш на доктор и он да нејќе да ти ја намести пошто му е глупо, или што ти ја знам. Вода е нешто што треба да го донесеш со секоја пијачка. Ако те мрзи после на секои 5 минути да ти вика „а може вода?“, уште со првата нарачка донеси вода за сите! Никогаш не ја разбрав таа мрза или одбивност кај келнерите кога ќе ги замолиш да ти донесат вода. Секаде во светот, со секоја нарачка ти носат и чаша вода (ако се пие водата на тоа место). Само кај нас кога ќе побараш вода е ко да бараш бубрег да ти даде. Можда ќе умрам тука на лице место и единствено нешто што може да ме спаси е чашата вода. Зборам за во кафиќите или кафани, за дискотеките е друга работа. Во таа гужва разбирам да неможеш да донесеш вода, а и ретко кој бара вода. Најчесто се знае дека во дискотека, вода се бара на шанк. Но, во било кој друг случај да не дадеш вода на човек е како во кино пуканките во џеб да ти ги стават за да заштедат картонска чашка.

Важност.
Важноста на оваа професија е голема. Често ги одбираме локалите и по услугата во нив. Некогаш е побитно да има добар персонал, него добро мени, добра локација или добар ентериер. Неретко се има случено да не стапнам друг пат на некое место поради персоналот кој работи таму. 

Што треба да се смени.
Најбитно е варијација на платите, и повисоки плати + награди за оние кои работат добро, пониски плати + казни за оние кои работат лошо. Со ваква поставеност на работите, секој би се потрудил да се покаже, да работи подобро да биде повеќе професионален, едноставно да се труди.
Униформираност. Најлошо е во некој локал да незнаеш кој е келнер. Па незгодни ситуации се дешаваат кога ќе нарачаш на некој што не е келнер :) Една маичка со иста боја и името на локалот е доволна, и многу значајна работа.
Запишување наместо памтење. Да бидеме реални никој неможе да запамти 5 сладоледи со по 3 топки, да ти каже на шанкерот и да нема ни една грешка. Затоа рекле старите: глупиот памти - паметниот запишува. Ништо не те кошта да си запишеш нарачката, и најлесна да е, човек греши, а грешката на некого многу ќе му смета.
Почит. Почитување на гостите е од курцијално значење. Да не се повторувам од претходно, мислам дека се беше убаво образложено.

Ова е од прилика се што имав да кажам на оваа тема. Во следна прилика за друга професија. Вашите искуства, предлози и мислења, може да ги споделите во коментарите.


No comments:

Post a Comment