March 22, 2012

Најпопуларни професии - Таксист

Пред скоро месец дена пишував за Келнерите, и се околу таа професија од моја гледна точка. Сега на ред се таксистите.

2. Таксист

Ова според мене е втора најактуелна професија во Скопје. Секој што неможе да биде Келнер од Х причини, работи како таксист. Порано за да бидеш таксист мораше да имаш и кола, но сега со отварањето на 10тина нови такси компании кои имаат по 30тина сопствени автомобили, потребен им е само возач. За да бидеш таксист ти треба само возачка дозвола за положена Б категорија и завршено средно образование (пошто инаку неможеш да ја земеш возачката). Тоа и причината дека скоро секој може да ја работи оваа професија, од 18 па се додека човекот може да вози автомобил. Платата е прилично мала, но со оглед на другите професии каде се работи за голема физичка работа или нешто слично, ова е одличен начин за задоволителна заработувачка. Таа зависи и од тоа дали работиш со сопствено возило или туѓо, и ако работиш сам - колку време работиш.


Лоша страна (кај таксистите)

За разлика од кај келнерите овде има многу тестови кои мора да се положат за да се биде таксист. Почнувајќи од тестот за прва помош, сообраќајните тестови и на крај полагањето за управување со возило од Б категорија. Но сепак тоа не го прави возачот - возач. Самоувереноста на човекот, неговиот табиет, менталитет и многу др. работи поврзани за личноста на самиот таксист го прават добар или лош во својата професија. Нема полошо од таксисти кои пробуваат да се покажат дека возат кола. Лудо возење по улици, шалтање по ленти, непотребно претекнување, нагло свртување на свиоците, кршење на правила, преминување на жолто светло и многу други ствари кои го загрозуваат животот на патниците. Тука со право може да се искористи онаа позната автобуска изрека „мајсторе луѓе возиш, не компири“. 
Потоа одат лоповите. Оние кои ќе видат странец па го вртат низ цел град 2-3 пати пред да стигнат до дестинацијата. Оние кои возат на диво па си вадат самите суми, по сопствено убедување. Оние кои наплаќаат 10 ден/1мин чекање. Оние кои рекламираат 30% попуст а даваат 5%. 
Да не ни почнувам за оние кои купиле возачка дозвола, очигледно незнаат да возат, не поминале никаква обука за возач а камо ли за таксист. Исто така и оние кои доаѓаат пијани на работа, не го исчистиле возилото со месеци, чие возило е технички неисправно.
Ме нервира и оноа возење споро кога пецаат патници, или кога ќе уклучат 4 змигавци и мислат дека автоматски можат секаде да застанат и да паркираат. Најмногу ме нервираат оние кои се местат да ги удриш за да извадат некој денар од осигурување и да си ја поправат колата која и претходно имала искривен браник, скршен ретровизор, свиткано крило и т.н.
Неможе а да не се каже збор за таксистите кои изиграваат водители на емисија во која тој е и гостинот и водителот, и цел пат ја раскажуваат својата приказна, тотално неповрзани и непотребни информации кои патникот не е должен да ги слуша.
Ствар што мора да се поправи е секој таксист, пред да почне со работа да ги раситни парите. Неможе он да нема ич ситно. Па после тегнење до една па до др продавница, па да раситнам па ова па она, отишле пола саат - саат.
Има и таксисти на кои не им се работи оваа работа или ја работат само додека не најдат нова, подобра (тоа се најголем дел од помладите таксисти). Но тоа не значи дека не треба да ја работат работата професионално. Што значи дека коментари од типот „е сега за 300 метри ќе ме заебаваш“ не се професионален одговор. Нема за безпари да возиш човек! Секој метар ти е платен уште од старт.
Најголем проблем е цената. Цената е ужасно преголема. Секако дека и бензинот е енормно скап, но ова со таксистиве е премногу.
За крај ги оставам оние таксисти кои не ги знаат улиците во градот во кој возат, па треба ти да им кажуваш каде да одат, а ако ни ти не знаеш ништо од бизнисот. Тоа ти е работа, секаде во свет таксистите прво со мопед го кружат градот месец дена додека не ја научат секоја уличка, па после да работат како таксисти.

Лоша страна (кај патниците)

Патниците се оние прават многу проблеми при возењето. Пред се тука се (најчесто) бабите кои мислат дека таксистот е Јанко Јади Бурек или Нора или пак некој психолог па сега додека вози треба да ги слуша сите нејзини проблеми, животна историја и што ли уште не. Потоа тука се пијаниците, најчесто дечишта, кои се возат од кафана или кафич до дискотека или како и да е, а таксито го сметаат за подвижен подиум за пеење, играње, дерење, уште пиење, скокање, лапање, мување, пресоблакање, шминкање, зборење со пешаците, ладење низ прозор, поздравување на семафорите во градот и т.н. Што се не треба да трпат таксистите во петок и сабота навечер, јака им душа. Како трето доаѓа бегањето од кола без да се плати, но тоа е долга традиција во некои населби, и мора да се биде спремен на такво нешто.

Во никој случај неможеме да ги заборавиме добрите гестови на таксистите кои секогаш ги враќаат изгубените пари, новчаници, ташни, мобилни, ранци во целост, како што биде изгубени, за брзо време. 

Важноста на оваа професија е голема, со оглед на тоа што не секој може да се вози во автобус, и експедитивноста и можностите на автомобилот се далеку подобри од на автобусот или било кое друго возило. Во Скопје конкуренција има и тоа преголема. Се што треба да се направи е да се елиминираат дивите таксисти, да се воведат построги критериуми за тоа кој може да биде такстит, обавезно одлично познавање на улиците во градот, поголема експедитивност и професионалност. Почитување на законот и сообраќајните правила и секако намалување на цената на превоз.

Тоа би било се, сигурно многу работи се пропуштени, но за тоа - потоа, во друга прилика.


No comments:

Post a Comment