December 13, 2012

Секојдневни глупи муабети

Како си?

После стандарното „Здраво!“ следи неизбежното „Како си?“ Финтата е во тоа што на ликот не му е баш гајле како си, ама од недостиг на муабет, а и поради основна култура ќе те праша. Прашањето е пред се реторичко, но и покрај тоа се очекува одговорот „Добро, еве“, што е најприфатлив, зошто секој друг го продолжува глупиот муабет за кој не е заинтересиран ни он а ни ти.


Толку е просто ова прашање, што некогаш и да умираш попрво би му рекол на некој “Добро, еве“ место да почнеш да објаснуваш што ти се случува. После ова прашање следи...

Што правиш?

Хм, што правам? Па ништо еве гледаш, а и да не гледаш не верувам дека баш многу те интересира, нели? Биди искрен. Е па да, исто како што не му е гајле како си, така не му е гајле ни што правиш, ама пуста култура, и чит-чет муабет кој мора да го направиме и да глумиме дека разменуваме битни информации меѓу нас.

Поим неам што правиш а и не ме интересира, се немаме видено 6 години за кои не сме се чуле ни еднаш за да видиме кој што прави, па така што правиш во моментот ама ич не ми е гајле. Ама тоа, глупите непријатни ситуации не тераат да поставуваме прашања чив одговор не ни е битен, но голготата продожува со...

Што има ново?

Ново? Што има НОВО? Сериозен си? За прошлите 6 факинг години (или повеќе од 2190 дена) завршив средно и факултет, без на 300 места, направив дупло повеќе работи и ти ме прашуваш што има ново? Брат, сѐ е ново! Од глава до пети на мене се е ново, дури и кожава ја излупив 5-6 пати до сега, за косата и ноктите ич да не збориме.

Кога го поставуваме ова прашање некогаш стварно не интересира што има ново (се подразбира дека мислиме на нешто интересно, битно) ама кога некој ќе ти го постави на тебе сваќаш колку е глупо, и како личноста која ти го поставува ти станала се подалечна, толку прашањето е потешко да се одговори. Најчесто трескаш некоја глупост во стил „Па еве ништо, на малиот патики да му земеме, и така...“

Па нормално дека нема да почнеш да раскажуваш што сѐ ново ти се има случено „од прошлиот пат кога се видовме после бев во школо пак, ама губевме часови, и само од 3ти до 6ти имавме. И така одам дома гледам шампонот ми се испразнил, си викам дај да одам да земам до продавница. Таму комшијата го гледам ми вика не ми го пуштај кучето у двор да ми моча. А да, и куче имам веќе 2 години, многу е слатно. Одам со колата назад... да да и положив, заборавив да ти кажам, и кола купивме. И после у партија ми вика тој...“


Кај си бе?

„Еве бе“ и после имаш „Ееее од кога се немаме видено“. Е ба јебига бе брат така ти оди тоа, после некое време секој си оди по својот пат, сите немаме време а и многу желба да се гледаме едни со други. Нормално е да прашаш некој кај е по телефон, ама кога го гледаш пред тебе малку делува глупо кога ќе размислиш. Сепак јасно ни е на сите дека тоа „кај си“ е цел муабет кој или се преќутува или следи потоа и изгледа некако вака...

Да се јавиш...

Да се јавиш, ама ништо од јавувањето. Или ќе заборавиш или нема да најдеш време, ама од јавувањето ништо нема да има, а тоа убаво си го знаете и двајцата.

Ќе те барам за едно кафе да пиеме!

Сигурно, еве веќе се спремам да го чекам повикот. Кога ова ќе ти го каже некој што го гледаш често е ОК, ама кога ќе ти каже вакво нешто некој што не си го видел „100 години“ ти иде да се прснеш од смеење. Сепак глупо би било да речеш „ајде чао, сигурно нема да се видиме уште 100 години“, па ајде да се полажеме дека ќе се чуеме за кафе...

Да дојдеш!

Да, да, еве доаѓам. Муабетов везе нема, нит некој кај некој ќе дојде, ама глупо е да не го поканиш.

Каде за нова година?

Колку порано пред нова година правиш муабет со луѓе за славењето, толку повеќе сакаат сите да славаат нова година, и така како поминува времето, до вечерта остануваат едвај 10тина луѓе кои успеале да се договорат. На почеток муабетот е секогаш „да да, обавезно да славиме, да се договориме убаво со време, еве сите сакаат“, ама после секоја недела листата е сѐ пократка... Слично е и за први мај.

Каде на одмор?

Кога ќе видиш некој познаник во Мај, Јуни, обавезно мораш да го прашаш каде ќе оди на одмор, пошто ако морате да правите муабет подолго време, ова е одличен стартер за 2-3 часовен муабет. Истото важи и во август/септември само што сега прашањето го формулираш на друг начин и прашуваш каде „бил на одмор“.

Како на факултет/школо?

Како? Па, ладно, да ти кажам. Нема греење, ако баш те интересира, иначе ОК е. Како ти е на школо највеќе ги интересира баба ти и дедо ти, како и родителите, ама они веќе се информирани. Додека пак, баба ти и дедо ти прифаќаат само одговор „Супер, Одлично“ а може и „Тешко“ се додека си скроз одличен. Значи клучен момент на одговорот треба да биде успехот, и покрај тоа што ти би сакал да раскажеш за некоја случка или нешто слично.


No comments:

Post a Comment